* POBOCZA * KRAJNICE * RUBOVI * OBROBJA * POBOCZA * KRAJNICE * RUBOVI * OBROBJA * POBOCZA * KRAJNICE * RUBOVI *
POBOCZA Kwartalnik Literacko - Artystyczny         № 3-4 (37-38)
         Декември 2009
         ISSN 1505-1676
македонска литература, македонска поезија

o autorze
wstecz

Јовица Ивановски

Од сега до засекогаш

                  (На С.Н.И.)

Измести ме,
скрши ми го колкот!
Сакам да се клати куќава,
стенкањата да ja одлепат ламперијата.

Ене го Вардар се шири како магла,
додека вечерите пасат трева во паркот
и додека клупите подметнуваат газови,
а трчачите со дланки потпираат ѕидови.

Да си моја повторно веќе е неопходно.
Времето отшрафува мостови и зглобови,
парадира блех-оркестар во нашата соба,
конфети и корнети и оргазми ко букети.

Законот на гравитација – ма зезанција.
Летањeто е можно а паѓањето е прегратно.
А нашиот кревет? Па тој е вселената. И се
тресе кога меѓуножјата ни раѓаат соѕвездија.

Сè е кажано, напишано, нацртано, снимено...
На двајцата заедно и 180 г. не ни се доволно.
Сакам ова да потрае, да ми се дига и на 80
и да нè закопаат заедно, во едно легло.

Jас во тебе – ти гробна дупка а јас сандак.

 

Жената совозач

Жената совозач
располага со половина од шофершајбната
и со огледалцето во спуштениот сонцобран

жената совозач не престанува да зборува – но истото го
прави и дома – во улога на животен сопатник

жената совозач најчесто нема ни возачка дозвола – но тоа не
í го ускратува правото да се однесува како инструктор

жената совозач (всушност) треба кон мажот возач да ја има
почитта што стјуардесата ја има кон главниот пилот

жената совозач не е лошо да има мини здолниште
и убави голи колена веднаш до рачната сопирачка

жената совозач може и да ти се најде – доколку ти се дупне гума
или ако ти рикне колата па нема кој да ја турка

жената совозач може да има совршен профил
со ѓубришта на нивите во рамката на прозорецот

жената совозач
е најубава кога спие – а ти почнуваш да
уживаш во возењето и правиш сè што треба

само да не ја разбудиш

 

Јас не сликам,
јас водам љубов со платното

Беретка и мантил се артистички
дресови од некои други времиња.
         Сликам гол, угол гол.
Целиот сум со флеки од бои.

Шарен, разнобоен, како паунот
         што се перчи на платното.
Една капка ми падна врз курот
         кој ми е дигнат затоа што
                  сликањето ми го дига.

Пастрмката и шишето црвено вино
нема да завршат како мртва природа –
виното ќе го испијам а рибата ќе ја
пуштам да плива на дното на сликата,

веднаш под рибата на мојата сакана,
         која ми позира и кога не е тука.
Ја гледам како се шминка во таксито,
како ја отвора влезната врата,

како влегува во сликата како
во када со жешка миризлива вода,
и ме чека да ù го истријам грбот,
         со четката за сликање.

 

Останете уште малку

Што зарем веќе си одите
останете барем уште малку
зар не гледате дека и така цело време спиеме

ќе не навредите ако сега си заминете
зар не забележавте дека сите си отидоа
кога ве видоа исправени на врата

ако ви пречи димот тутунски
ќе отвориме прозорец и ќе ве шутнеме низ него
или пак ќе запалиме свеќи (на вашите...)

а што ќе правите толку рано дома
ни деца ни куче имате – послужете се со оваа
прекрасна кучешка храна и со сè што ни е за фрлање

чувствувајте се како во своја куќа
нормално дека и бањата ви е на располагање
влезете и опуштете се под тушот како Евреи во Аушвиц

останете барем уште пет минути
добро да ја измеркаме вашата проѕирност
зашто веројатно веќе никогаш нема да ве видиме

ма какво такси – не дозволуваме
и така се разденува па одејќи на работа
ќе ги сместиме вашите трупови во нашиот комфорен багажник

 

Тоалет

Моето заминување нека биде
         без аминување. Лето, сончев ден, точно на пладне,
со пријатно западно ветре од исток.
Од кревет, директно во заткревет.
Пред аутопсијата предвреме да ми
                  го обезобрази телото.
Гласот на попот нека се слуша од некој
                  друг гроб,
тажалките нека им бидат упатени на
         сомртовците што ги заслужиле.
Би ја ескивирал и капелата – тоа
ритуално кружење околу леглото,
редење цвеќиња ко на тераса на пролет,
сочувствување – со солзи или на суво;
полупознаници, гушкања, црнина... Неее!
Happy погреб сакам, хипи испраќање.
A whiter shade of pale да ја пее некој
деведесетгодишник – со електрична гитара,
                  се разбира.
Пристоен, пристокмен (не мора да е мермерен)
шанк десно од дупката – но само откако ќе
         одгалопираат лопатарите.
Без препишани фалби и говор на морон пред
         микрофон – со пролупан разглас и фонија.
И моите стари пајташи потпрени со лактите,
         да се збичат здраво и да заборават каде се;
и збогувалката да прерасне во журка, дофајронтна.
А оние што ќе ги исфорсираат бешиките
ќе можат да си се олеснат – тука,
во новиот недосреден тоалет,
веднаш зад шанкот.

 

По новата година

Ноќеска милион петарди дупнаа
                  милион балони
внимаваме да не ги газиме
небаре се презервативи полни
                           со експлозив
омајни се овие првогодишни утрински
         прошетки по празните глуви улици
само старци и заскитани славеници
кои го пијат првото утринско сонце
                           како живо јајце
ноќеска овде одбројуваа си ги стругаа
лицата и се прскаа со надеж пенлива
ги имаше како зборови на буквата П
                  во речникот на мајчиниот

сега спијат како бебиња со шишенца
                           расол во лулките
се одмораат и цвеќињата и зимата
и ората и зората и сармите и дамите
се одмораат и градоначалникот и
првото рулче и телевизорот и докторот
само ние со дебели очи и траќни глочки
во потрага по отворена продавница
минуваме крај дрвјата со себојни
                           светлечки овошки
крај иглите на зимзелените вденати во
бели влакна од брадите на црвените
крај убави украсни хартии (веројатно)
нетрпеливо оттргнати од убави подароци
крај таксист кој не се пали на палец
крај единстената отворена продавница
од каде на крајот купуваме векна леб
и со неоправдана неугодност си ја
земаме малата паричка кусур
што можеби подоцна ќе ни
                           се најде за во лепчето на Бадник

1995-6 г.

 

Десет години пред

„На дивата свиња не ù треба испитување на пазарот
         за да пронајде тартуфи во шума“
пронајдени – јас свиња ти тартуфа
се држиме за раце небаре едниот е дете
во толпа во непознат град на фиеста

денот завршува бавно – во fade-out
дрвото си ја прибра сенката како што излетникот
си ја прибира простирката послана под дрво
полунаведнати минуваме под неговите ниски гранки –
небаре излегуваме од хеликоптер

бараме празна клупа во прегратката на кејот
крај канделабрите чии одблесоци во реката
                  ќе ги угаси сонцето
засвежува но затоа пак не е претопло
ги гледаме старците кои одат некаде
бавно и сигурно – во fade-out

би имале ли што да си кажеме за десет години –
ќе се познаваме предобро и ќе се избегнуваме
прекрасни се овие моменти на презентација
на најдоброто што мислиме дека го имаме
а маните и непремостливите разлики
         нека останат притаени – за сега

не сме клинци да се фаќаме на клупа
но прв пат сме на одмор заедно
и се запознаваме запознавајќи го градот
цел живот ќе се запознаваме запознавајќи
го животот
и кога вистински ќе се запознаеме
еден ќе мора да си оди

 

Сеедно – јас сите ги поздравувам

Години и ликови – многу
познанства средби стари пријатели
зарем може некој сите да ги запамети

слабо памтам физиономии
а и ретко кога имало причина за тоа
младешка грешка и сметката сега ја плаќам

некои ги знам само од видување
со некои можеби и сум се дружел
другите (претпоставувам) сум ги видел на телевизија

дали од осмолетка или од средно
на некое дамнешно морско патување
се обложувам дека и тие ме заборавиле

но во оние прости прошетки
без разлика дали само си умислувам
дека ги познавам – јас сите ги поздравувам

да не речат после дека сум се курчел
„Види го педерчево се прави важен
ја врти главата а на времето му го пушев“

Добро утро, Здраво, Добар ден
поздрав што не ме обврзува да застанам
и да елаборирам со какво право ги поздравувам

„ене го оној што сите ги поздравува“ –
си велат и преминуваат преку улица
панично бегаат да не ги ставам во небрано

некои по инерција отпоздравуваат
некои ја вртат главата и нешто мрморат
некои со крајна рамнодушност ме игнорираат

се прават важни мамицата нивна
но и ним еден ден сè ќе им се испомеша
ќе речат тие здраво а јас ќе си гледам само право

 

Бесмртна песна

Таква песна се пишува во младоста и држи вода сè до староста –
слава влијание лагоден живот рецитации на цели генерации
потоа можеш да пишуваш сè и сешто или да гледаш во ништо
но таа секогаш ќе преде крај тебе – под над до твоето име
ќе бегаш од неа како од чума а таа ќе те следи и во прашума
ќе се обидуваш да ја повториш но неповторливото не се повторува
ако се самоубиеш нема да згрешиш ако се премислиш ќе се тешиш
но песната ќе добие смисла кога ти ќе бидеш само мисла...

мислам дека си веќе престар за твојата бесмртна песна

 

Јовица Ивановски

wstecz

македонска литература, македонска поезија